ТРИБИНА: „ПРЕДИЗВИЦИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ДУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ – ИДНИ ЧЕКОРИ“

 7 June 2019

Потребата од воведување на дуалното образование како комбинација на практични вештини, теоретски знаења и клучни компетенции и воспоставување рамнотежа помеѓу понудата и побарувачката на стручни, квалификувани и лесно вработливи кадри, беше целта за организирање на трибината: „Предизвици за подобрување на дуалното образование – идни чекори“, организирана од страна на  Европската бизнис асоцијација во соработка со Стопанската комора на Македонија. Учесници на трибината беа личности кои директно, од различни страни, се вклучени во процесите на обезбедување стручен и квалификуван кадар со цел да се задоволат потребите од работна сила на бизнис секторот, имајќи предвид дека околу 80% од невработените се долгорочно невработени, како одраз на неусогласеност на вештините и компетенциите.

Првиот панел насловен: „Реалната состојба и потребите на бизнис секторот“

Дуалното образование за што подолго време наназад укажува бизнис заедницата и како модел итно треба да се примени и во средните стручни училиште во нашата земја веќе е предмет на анализа и во Владата. Во таа насока, д-р Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација на економските ресори, на трибината информираше дека анализите кои Владата ги изработи во изминатиот период откриваат дека постои нерамнотежа помеѓу понудата на вештини и квалификации и побарувачката од страна на реалниот сектор. – Во моментов има 185.000 невработени (19,4%), од нив 105.444 се активни баратели, што ја сведува реалната невработеност на 11%. Од реалната невработеност пак, 45% се лица над 50 години кои во текот на транзицијата останале без работа, но истите во најголем дел вршат некаква работа и остваруваат одредени приходи кои никаде не се евидентираат, а истовремено овие работници имаат обезбедено минимум услов за пензија од 15 години работен  стаж, – посочи Анѓушев.

Паралелно направена е и анкета на 3143 работодавачи од кои 1883 одговориле дека во моментот се спремни да вработат 18.453 работници што дополнително го потврдува претходно изнесениот став дека постои нерамнотежа помеѓу понудата и побарувачката на труд. Проблемот е комплексен и за да се постигнат резултатите потребна е, меѓу другото и промена во менталитетот за да сме на сигурно дека сите се бориме во иста насока . Компаниите покажуваат интерес за ваков вид на образование, тие се свесни за придобивките за долгорочно обезбедување работен кадар, но паралелно треба сите аспекти да се решаваат истовремено за да се постигнат резултати. Заменик – претседателот на Владата сепак посочи дека најголемиот проблем во овој момент е уписната политика, која изминативе две децении создаде состојба каде над 95% од завршените ученици во средно образование се запишуваа на високо образовните институции и не одговараат на потребите на стопанството и на општеството во целина. За да се смени оваа слика, потребни се коренити и болни промени во сите сегменти.

Сепак, дел од компаниите во обид да обезбедат стручен и квалификуван кадар, во соработка со бизнис заедницата и образовните институции, се вклучија во пилот-проекти на дуално образование, но наменски, само за свои потреби.

-За да се постигнат резултатите во оваа сфера, потребно е процесот да започне од највисоко ниво на соработка, компаниите се спремни да ги отворат вратите, а тоа навистина е добар импулс и за образованието и за развојот на вештините на учениците, – нагласи Тобијас Боле од Делегација на германското стопанство во Северна Македонија искуството од Германија.

Вториот панел од Трибината беше посветен на моменталната состојба во македонското образование и постојната законска рамка. Во овој дел свое обраќање имаше министерот за образование и наука, д-р Арбер Адеми, кој нагласи дека во образованието нема лесни, туку храбри одлуки кои се носат врз основа на анализа , а не на перцепција. Започнат е нов концепт на средно стручно образование врз основа на барањата на бизнис заедницата за стекнување потребни знаења и вештини. Дизајнирани се 1000 модуларни наставни програми во кои 55% од предметите се стручни, додека 45% се општо образовни предмети во насока на струката. – Мора да се сруши митот дека само со факултетска диплома успешно се заработува, особено доколку се земат предвид бараните занимања на пазарот на труд кои се со стручни квалификации, – истакна министерот Адеми.

-Потребен е системски приод во решавање на проблемот за дуално образование, односно системот треба да биде во можност да идентификува колку ученици влегуваат во основно образование и колку излегуваат од средното образование, па врз основа на истите да се планира и креира стратегија на долг рок. Тоа е како затворен круг, врз основа на бројот на ученици може да се планираат и предвидуваат квалификации во согласност барањата на пазарот на трудот, – нагласи Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

-Едно е системски да се реагира, но друго е да се примени во пракса, дали сме подготвени за таква реализација, имајќи предвид дека наставниот кадар не е подготвен за ваков систем на учење од една страна и недоволна опременост на лаборатории и кабинети во насока на успешна реализација на наставата од друга страна, – изјави проф. д-р Абдулменаф Беџети, ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа. Тој исто така додаде дека професорите не се соодветно платени за работата која ја извршуваат, се користи застарен модел за финансирање на високото образование, според кој вреднувањето е врз основа на влезни критериуми, а не врз основа на излезни критериуми, односно резултати.

Секоја земја има различни услови како во сферата на економијата, така и во сферата на образованието, потребно е образованието да ги следи потребите и динамиката со која се развива економијата, она што е предизвик за секоја земја е како да го направи стручното училиште поатрактивно за учениците. Исто така, предизвик треба да биде и квалитетот во испораката на образовните услуги затоа што работодавачите се вистинските оценувачи за квалитетот на образованието, – изјави Софи Бемон, програм менаџер во делегацијата на Европската унија во Скопје.

Како резиме на сите претходно посочени дискусии, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, констатираше – оваа трибина покажа дека постои политичка волја за преземање чекори во образовната политика која на среден и долг рок ќе даде позитивен импакт во економијата. А, исто така покажа и дека компаниите се подготвени да се вклучат во процесот на дуалното образование во насока на создавање кадар за нивните потреби кои ќе придонесат за раст на економијата во целост. Азески исто така истакна дека и во рамки на КИФ, коморите на земјите членки интензивно ќе работат за имплементирање на моделот на дуално образование, користејќи ги искуствата на дел од земјите од Западен Балкан, но и искуствата од Швајцарија, Австрија и Германија каде моделот на дуално образование дава исклучително позитивни резултати.

 

-Сегашната состојба говори за постоење на 165 факултети наспроти само 154 средни училишта, а во реалноста бројките треба да бидат обратни, повеќе средни стручни училишта, а помалку факултети. Ваквата состојба, вели претседателот на Комората, ни наложува да се фокусираме кон заедничка промоција и активности кон спроведување на моделот на стручно образование и промена на перцепцијата дека тоа не обезбедува побрзо вработување и достоинствена заработувачка. Напротив, стручното образование е клучно за потребите на реалниот сектор.

На трибината присуствуваше и претседателот на Здружението на новинари на РСМ, Младен Чадиковски, кој од аспект на соодветно пренесување на информацијата во јавноста посочи дека е потребна кампања за пошироката јавност да се запознае со концептот на дуално образование. -Улогата на медиумите не е да ѝ помага на Владата, туку да ѝ помага на јавноста да донесе права одлука, – додаде Чадиковски.

На трибината беа идентификувани предизвиците на кои треба да се работи, како и следни чекори и препораки за успешна имплементација на дуалното образование:

· системско решавање на дуалното образование преку измени и дополнување на постојниот Закон за стручно образование и обука и останатите закони кои го третираат дуалното образование;

· прецизирање на улогите на чинителите во обезбедување на дуалното образование;

· измена на уписната политика од страна на Министерството за образование и наука и предвидување високи критериуми, за гимназиско образование и за одредени квалификации во стручното образование и обука (во сектор здравство и социјална заштита, економија, право и трговија);

· измена на уписната политика и квотите за упис во високото образование;

· рационализација и соодветна реалокација на мрежата на стручни училишта;

· кампањи за подигање на свеста на родителите за стручно образование на нивните деца;

· кариерно советување уште во основно образование за насочување на учениците кон образование за кое има можности, амбиции и талент.